Накит стар 200 години има во музејот за филигран на Вангел Деребан во Охрид

Во центарот на охридската чаршија, на местото каде што некогаш се наоѓаше работилницата на мајсторот за филигран Вангел Деребан, е отворен музеј посветен на филигранот и културното богатство сочувано од семејството Деребан. Во изложбениот простор може да се види накит стар 200 години и автентичниот алат со кој работеле старите кујунџии.

Посетителите ќе можат да видат предмети изработени пред повеќе од 200 години, женски и машки накит со полускапоцени и скапоцени камења: прстени, ѓердани и вреден накит кој стоел на носии. Може да се видат и украси за глава, накит за облека, верски и црковни предмети. Експонатите во музејот се семеен накит, парчиња од 18 и 19 век, изработени од македонски кувенџии.

Дел од објектот е работилница, а тројца мајстори од Охрид ќе бидат ангажирани да изработуваат филигран, да подучуваат млади кои се заинтересирани за занаетот и да им покажуваат на туристите како се изработуваат филигрански предмети.

На отворањето на музејот присуствуваше и Никола Деребанов, внукот на мајстор Вангел Деребан. Тој вели вели дека идејата за овој музеј е на туристите кои доаѓаат во Охрид, но и на локалното население да му се прикаже македонското богатство.

„Имаме аманет од дедо ми, без разлика што и да е нашата професија, секогаш да го чуваме она што го познаваме за занаетот. И јас и татко ми го знаеме филигранството. И мојот прадедо, кој бил учител, знаел да работи филигран, тоа и го работел во поодминатите години од животот“, рече Никола Деребанов.

На отворањето на кујунџискиот музеј беше презентирано и реизданието на книгата „Македонскиот накит“ на Вангел Деребан. Деребан е роден во Струга во 1920 година, а почина пред осум години во Охрид. Тој беше шеста генерација филигрански мајстори на фамилијата Деребан. Сребрената пеперутка од спотот „Купувајте македонски производи“, која се чува во националниот Музеј на Македонија, ја има изработено неговиот татко Александар.

Scroll to Top