Научниците откриле мумија во ковчег за кој мислеле дека е празен

Научници во Австралија откриле остатоци од мумија што се наоѓала во ковчег стар 2500 години. Истражувачите за истиот првично мислеле дека е празен.

Саркофагот стоел во универзитетскиот музеј во Сиднеј повеќе од 150 години. Истиот за тој период воопшто не бил допрен од човечка рака.

Кога научниците минатата година го отвориле ковчегот пронашле остатоци од човечки стапала и коски.

Истражувачите изјавиле дека остатоците претходно биле оштетени веројатно од страна на ограбувачи на гробници.

Минатата година научниците го отвориле капакот не очекувајќи дека во него ќе пронајдат предмети со голема вредност.

„Податоците со кои располагавме ни говореа дека ковчегот е празен, но се покажа дека во него има мумија, која е многу оштетена“, изјавил Џејми Фрејзер.

Ковчегот, според хиероглифите напишани на капакот, ѝ припаѓал на Мер-Неит-ит-ес. Таа била благородничка која служела во храм. Саркофагот датирал од 26. династија, односно од периодот од 664 до 525 година пред Христос.

Ковчегот некаде во шеесетите години на 19 век во Египет го набавил Чарлс Николсон, поранешен канцелар на Универзитетот во Сиднеј и од тогаш се чува во музејот во тој универзитет.

„Природно е да бил заборавен со оглед на тоа дека во другите ковчези мумиите биле зачувани“, објаснил Фрејзер.

Благодарение на денешната технологија била спроведена анализа што овозможила да се утврди дека станува збор за човечки остатоци и дека станува збор за личност на 30-годишна возраст.

 

 

Scroll to Top