Тим од десетмина Непалски планинари испиша ново поглавје во историјата на планинарењето откако денеска се искачија на 8.611 метри високиот врв К2. Ова е втор највисок на светот, а е лоциран во пакистанскиот дел на планинскиот венец Каракорам. К2 беше последниот врв на светот повисок од 8.000 метри кој претходно не бил искачен во зимски услови.
Се смета и за најтежок и најопасен врв за искачување, кој од јули 2018 однесе 86 животи. Потврдено е дека при вчерашното искачување загинал шпанскиот алпинист Серхи Минготе.
„Историја за човештвото, историја за Непал“, напиша Нирмал Пурџа на Инстаграм во 17:40 часот вчера, по локално време.
Резултатот го постигнале во исклучителна соработка непалските планинари, кои тргнале поделени во два тима, но во деновите пред конечното искачување се здружиле , со цел заедно да стигнат на врвот.
„Ова е многу посебен момент. Сите се собравме на десет метри под врвот за да формираме група која заедно ќе стапне на врвот, додека ја пее непалската химна“, изјави Пурџа.
Од првиот обид во 1987 година, само неколку експедиции се обиделе да го изведат овој потфат, но ниедна не отишла повисоко од 7.650 метри, сѐ до денеска, кога на планинарите конечно им се понудиле добри услови.
Оваа зима, околу 60 планинари од цел свет се обидуваат да го искачат К2.