Непалски Шерпа се искачи на Монт Еверест рекорден 25. пат

Непалскиот Шерпа Ками Рита, кој со години води планинарски тури на Монт Еверест, го подобри сопствениот светски рекорд кога рекорден 25. пат се искачи на планинскиот врв. Со уште 11 свои колеги тој беше дел од првата група планинари што оваа сезона се искачија на покривот на светот, а попатно ја подготвуваа и патеката за стотиците странски планинари што ќе се обидат да се искачат на Монт Еверест овој месец.

Рита (51), чиј татко бил меѓу првите шерпа-водичи, првпат се искачил на Монт Еверест во 1994 година и оттогаш го повторил подвигот речиси секоја година. Тој е еден од многуте шерпа-водичи чии вештини и стручност се од големо значење за безбедноста и успехот на стотици планинари, кои секоја година доаѓаат во Непал.

Еверест цела година беше затворен за искачувања и од непалската и од кинеската страна поради пандемијата. Непал за оваа сезона издаде 408 дозволи за искачување, но моментно се соочува со ново големо ширење на заразата, што првпат стигна и до базниот камп.

Scroll to Top