Годинашната Нобелова награда за физиологија или медицина заеднички ќе ја делат Харви Алтер, Мајкл Хотон и Чарлс Рајс. Тие наградата ќе ја делат за откритие на вирусот хепатитис C, се вели во соопштението кое стигнало од Стокхлом.
Тимот дал одлучувачки придонес во борбата против хепатитис што се пренесува преку крв, голем, глобален здравствен проблем, кој предизвикува цироза и рак на црниот дроб кај луѓето ширум светот, навеле од комитетот.
Во образложението на наградата се наведува дека со нивните тестови на крвта и новите лекови кои ги направиле успеале да спасат милиони животи.
„Благодарение на нивниото откритие, сега имаме достапни чувствителни тестови на крвта на вирусот, кој овозможува брз развој на антивирусни лекови насочени на хепатитис C“, велат од комитетот.
Според проценките на Светската здравствена организаија, постојат повеќе од 70 милиони случаи на хепатитис ширум светот и 400.000 смртни случаи секоја година.
Болеста е хронична, а како главна причина се јавува воспалението на црниот дроб и ракот. Престижната награда доаѓа со златен медал и парична награда од 10 милиони шведски круни, односно преку 1.118.000 долари, благодарение на наследството кое пред 124 години го оставил творецот на наградата, шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел.
Алтер и Рајс се американски научници, а Хотон е роден во Велика Британија. Во моментов работи на Универзитетот „Алберт“ во Канада. Церемонијата на давање на признанието ќе биде одржана на 10 декември во Стокхлом.