Нова изведба на балетот „Клеопатра“ на крајот на септември

Балетот „Клеопатра“ на реномираниот кореограф Василиј Медведев е грандиозна постановка, разнобојно дело што во многу аспекти ги надминува рамките на класичниот балет. Инспирирано од примадоната на балетската сцена Александра Мијалкова, „Клеопатра“ е дело за последната царица на Египет, наследничката на Александар Македонски, легендарната таинствена освојувачка на срцата што од дамнина ги воодушевува поетите, композиторите, уметниците и режисерите.

„Клеопатра“ е силен одраз на индивидуалниот танцов набој на Мијалкова, улога со која нашата примабалерина испишува уште една страница во историјата на балетската уметност, историја што говори за многубројни нејзини успеси, за колоритни и впечатливи изведби, за емоционална и духовна посветеност на публиката.

Македонската публика има уникатна можност да го погледне балетот кој сѐ уште не е поставен во ниеден друг театар во светот, да се насладува на талентот на Мијалкова и да помине незаборавна вечер во магичниот свет на Римската Империја и танцовите чудеса на антички Египет.

Во главните улоги ќе настапат Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили (Грузија), Јован Веселиновиќ (Србија), Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова Атанасовска, Дојчин Дочев (Бугарија), но и солисти, балетски ансамбл, оркестар и хор на Македонска опера и балет. Диригент е Бисера Чадловска, музиката е на Нерија Голдберг (Литванија), а Павол Јураш (Словачка) е задолжен за сценографијата и костимографијата.

Scroll to Top