Избрана најмоќната фотографија на годината

Венецуелскиот фотограф Роналдо Шмит, кој работи за угледната француска агенција АФП, е добитник на наградата за најдобра фотографија на годината – World Press Photo, и тоа за фотографија на маж во пламен за време на насилните протести во Каракас минатата година.

Добитниците на наградата за најпрестижното натпреварување за најдобра фотографија беа прогласени во четвртокот во Амстердам.

Интересно е што неговиот колега од АФП, Хуан Барето, го освои третото место за слична фотографија за истиот запален демонстрант, која била направена во истото време.

Другите финалисти, вклучувајќи ги и Ивор Прикет и Адам Фергусон, се хонорарци, кои главно работат за „Њујорк тајмс“, потоа Патрик Браун од „Панос пикчерс“ и Тоби Мелвил од „Ројтерс“.

Шмит победничката фотографија ја снимил покривајќи ги противвладините протести. Мотоциклист од Националната гарда експлодирал пред него додека траеле конфликтите на демонстрантите и владините сили, а еден од демонстрантите го зафатил оган.

„Стоев неколку метри од него, свртен со грб, но кога го почувствував пламенот, го зграбив фотоапаратот, се свртев и почнав да снимам. Траеше неколку секунди, така што воопшто не бев свесен што снимам. Снимав по инстикт. Сè се одвиваше многу брзо. Не престанав да снимам додека не сфатив што се случува. Лицето во пламен трчаше кон мене“, навел Роналдо Шмит објаснувајќи како дошло до победничката фотографија.

 

 

Scroll to Top