Осуден слугата кој со месеци крадел од кралицата

Поранешниот слуга во Бакингамската палата, Адам Канто, добил осум месеци казна затвор, откако претходно пред судот во Лондон признал дека украл низа на вредни предмети од кралското семејство. Вредните работи тој ги продавал на „Ибеј“.

Според пишувањата на британските медиуми, грабежот се случил во периодот меѓу ноември 2019 и август 2020 година. Дел од украдените предмети, полицијата ги нашла во неговиот дом, во местото каде што живееле и останатите вработени во палатата.

Меѓу предметите кои Адам ги украл имало и неколку ордени, броша, два златни ланци за џепни часовници, сребрено пенкало од Тифани, свилени пижами, „Самсонг“ мобилен, направен специјално за принцот Ендру и други работи.

Меѓу украдените работи иало и потпишани службени фотографии од принцевите Вилијам и Хари, од Кејт Мидлтон, фото-албум од кралскиот банкет по повод посетата на американскиот претседател Доналд Трамп. Сè на сè, имало 77 предмети украдени од палатата.

Обвинителот изјавил дека украдените работи имале вредност од 14.000 па се до 150.000 евра. Истите биле продадени на „Ибеј“, а Адам ги продавал под своето име.

Медиумите пишуваат дека Канто почнал да краде, откако влегол во долгови. Украдената роба му донела заработка од околу 11.000 евра. Неговиот адвокат побарал од судот поблага казна, поради тоа што дел од парите тој веќе ги вратил.

 

Scroll to Top