Паркинг-место во Хонг Конг продадено за рекордни 648.000 евра

Паркинг-место во Хонг Конг е продадено за рекордни 648.000 евра (760.000 долари). Паркинг-местото од 12,5 квадратни метри се наоѓа во луксузниот комплекс Ултија во Хонг Конг, а цената од 5.360 долари за квадратен метар е трипати поголема од просечната цена на недвижноста во овој град, која се движи околу 1.700 долари.

Но, округот Ковлон, во кој се наоѓа ова паркинг-место, кое го соборило рекордот во продажбата на недвижности, е познато како едно од најскапите места за живеење на светот.

„Местото за паркинг се наоѓа во најпрестижниот дел во луксузниот кварт и жителите што живеат таму имаат доволно финансиски капитал да не се грижат премногу за разликата во цената од неколку милиони долари, туку да гледаат единствено на својата удобност и практичност“, изјавила Сандија Лау, директорката од агенцијата за недвижности Centaline Property, за Бизнис-инсајдер.

Луксузниот комплекс во Хонг Конг во моментот се наоѓа на самиот врв на листата на најскапи места на светот за паркинг на лични возила. Вртоглавите цени за паркинг-место се оправдани со диспропорционалниот однос на станови и паркинг-места. Има 527 станбени единици, а комплексот нуди само 370 места за паркинг.

Ова не е прв случај светскиот рекорд во цената на недвижности да се собори во тој кинески град. Пред неколку месеци токму во Хонг Конг биле продадени двата најскапи стана во Азија за заедничка вредност од 149 милиони долари на само еден купувач. Судејќи според резултатите на статистиката на кинеската влада, цената на недвижности во Хонг Конг е дури 94 отсто поголема денес во однос на тоа што била во периодот во 1997 година.

На листата со најскапи градови на светот Хонг Конг е седум години по ред на првото место. Агентите за недвижности претходно барале потенцијалните купувачи да дадат депозит од 900.000 долари, само за да ги видат недвижностите, пренесува Би-би-си.

 

 

Scroll to Top