Паркирала на место за лица со инвалидитет, па добила непријатна порака

Џесмин Свифт (19) во град во Британија паркирала на место што било наменето за лица со посебни потреби. Кога се вратила во автомобилот, на предното стакло забележала брутална порака.

Лицето што ја оставило пораката не знаело дека Џесмин има голем здравствен проблем иако тој не е од видлива природа.

На Џесмин ѝ е дијагностицирана идиопатска артериска белодробна хипертензија. Тоа е состојба со покачен притисок во крвните садови на белите дробови. Најчесто се јавува поради слабост на левата половина на срцето како последица на инфаркт или болести на срцевите мускули. Но, кога ќе се јави кај млади лица што немаат тегоби, тогаш може да дојде до загрозување на животот.

Затоа Џесмин решила да ѝ одговори на личноста што ѝ ја оставила оваа порака, но и на сите оние што прерано ја осудиле.

„Ако би можела да разговарам со тебе, личноста што ми ја остави оваа порака, би ти кажала да не ме осудуваш предвреме. Само затоа што не сум во количка или немам некој видлив проблем, не значи дека не можам да користам паркинг-место наменето за личност со посебни потреби“, напишала таа на својот фејсбук-профил.

Џесмин добила многу охрабрувачки коментари, а признава дека само сакала да објасни дека проблемите некогаш не се видливи, но тоа не значи дека не постојат.

 

 

Scroll to Top