По 27 години, Џеф Безос се повлекува од директорската позиција во „Амазон“

По 27 години, најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, ќе се повлече од директорската позиција во „Амазон“. Тој утре ќе ја напушти функцијата генерален директор за онлајн-трговија и ќе се посвети на својата вселенска компанија „Блу орџин“, пишува „Раша тудеј“.

Безос, кој се наоѓа на врвот на листата на „Форбс“ на најбогати во светот, повлекувањето го најави уште во февруари на почетокот на оваа година. Неговото богатство се проценува на 189 милијарди долари.

Компанијата „Амазон“ уште од деведесеттите години работи како онлајн-продавница, а во последните две децении израсна во една од највредните компании во светот. Нејзината вредност е проценета на 1,7 билион долари.

Безос планира да задржи акции во вредност од 10,3 % во компанијата, како и местото извршен претседател во управниот одбор. Местото главен извршен директор ќе ги преземе Енди Џеси, кој во компанијата дојде во 1997 година.

Во меѓувреме, Безос планира да му се приклучи на екипажот на вселенскиот брод „Њу Шепард“ на својата вселенска компанија. Тој ќе се приклучи на првиот патнички лет во вселената, кој е закажан за 20 јули, на годишнината на слетувањето на „Аполо 11“ на Месечината во 1969 година.

Scroll to Top