По три децении Сомалијците повторно уживаа во кино

Сомалија по три децении ја организираше првата јавна проекција на филм, обидувајќи се на тој начин, во оваа во војна уништена земја, да дојде до некакво културно закрепнување.

Два кратки филма на сомалискиот режисер Ибрахим ЦМ беа прикажанаи во Народниот театар во Могадишу. Во салата имаше големо присуство на безбедносни сили. Театарот претходно беше цел на бомбашки напади и служеше како база за воените лидери.

Директор Абдикадир Абди Јусуф рече дека ова е историска ноќ за народот на Сомалија.

„По толку години предизвици, покажавте будење на надежта. Тоа е платформа која им дава можност на текстописците, проповедачите, режисерите и актерите отворено да го покажат својот талент“, рече Јусуф за „Франс прес“.

Гледачите плаќаа по 10 долари за да гледаат два филма. „Хус“ и „Состанок од пеколот“ и мораа да минат повеќе контролни пунктови за да стигнат до добро чување на зелената зона, во која се наоѓа театарот, киното, но и претседателската палата и зградата на парламентот.

„Во добрите стари времиња, тука гледавме концерти, драми, забавни претстави, фолкор и филмови“, рече еден од посетителите, Осман Јусуф Осман.

„Тешко ми е што во Могадишу повеќе го нема оној ноќен живот каков што некогаш постоеше. Но, ова е добар почеток“, додаде тој.

Имаше и такви кои беа загрижени за својата безбедност. Хакимо Мохамед рече дека била уште ученик кога со пријателите одела во театар да ги гледа концертите и претставите.

„Луѓето некогаш излегуваа ноќе и остануваа до доцна, но сега мислам дека тоа не е безбедно“, рече таа.

Театарот го изградиле кинески инженери во 1967 година, како подарок од кинескиот лидер Мао Ѕетунг. Во текот на седумдесеттите и осумдесеттите, беше главен центар на културниот развој на земјата. Затворен беше во 1991 година, кога настана граѓанската војна.

Тогаш стана база на воените лидери кои се бореа за превласт над градот. Поради сето тоа, зградата на театарот пропадна.

Кога повторно беше отворена во 2012 година, благодарение на поправките кои ги организираше Мисијата на Африканската унија во Сомалија, бомбаш самоубиец на терористичката група Ал Шабаб, го дигна во воздух, затоа што оваа група смета дека забавата и филмовите се неморални.

Scroll to Top