Почна изградбата на најголемиот подводен тунел, кој ќе ги поврзе Германија и Данска

По повеќе од една деценија планирање, почна изградбата на најголемиот подводен тунел, кој преку Балтичкото Море ќе ги поврзе Германија и Данска.

Тунелот Femarnbelt ќе се спушти и до 40 метри под Балтичкото Море, а ќе биде отворен во 2029 година. Тунелот ќе биде долг 18 километри и ќе биде еден од најголемите европски инфраструктурни проекти. Во него ќе бидат вложени повеќе од седум милијарди евра.

Тунелот ќе минува низ Фемарновиот Појас, теснината меѓу германскиот остров Фемарн и данскиот остров Лоланд. Замислен е како алтернатива за моментната линија на траектот од Родби и Путгарден, која секоја година пренесува милиони патници.

На траектот му требаат 45 минути, но по изградбата на тунелот, со воз ќе бидат потребни само седум минути, а со автомобл 10 минути за од една држава да се премине во друга.

Тунелот, чие службено име е Fehmarbelt Fixed Link, истовремено ќе биде и најдолгиот комбиниран тунел во светот затоа што ќе ги има компонентите на автопат и железница.

Ќе се состои од два автопата, кои ќе бидат одвоени со службен премин и две електрични железнички пруги.

„Денес, ако се возите со воз од Копенхаген до Хамбург, потребни ви се околу четири и пол часа. По завршувањето на изградбата на тунелот, истото патување ќе трае два и пол часа. Многумина користат авион за да патуваат во овие два града, но во иднина ќе имаат можност да седнат само во воз“, изјавил Јенс Оле Каслунд, техничкиот директор во данската државна компанија Femern A/S, која е задолжена за овој голем проект.

Истото патување ќе биде побрзо и за возачите затоа што ќе заштедат време, кое инаку го поминуваат во чекање траект. Проектот датура уште од 2008 година кога Германија и Данска потпишаа договор за изградба на тунелот.

Но, беа потребни повеќе од 10 години за двете држави да донесат посебни закони и да спроведат поврзани студии.

Scroll to Top