Лидерот на популистичката националистичка партија ЛДПР, Владимир Жириновски направил бизарен инцидент навредувајќи бремена новинарка на прес-конференција.
Нападот, кој веќе предизвика голем скандал во руските медиуми и во политичките кругови, се случил пред пленарната седница на Долниот дом во петокот, пренесува Раша тудеј.
Новинарката Стела Дубовицкаја го прашала Владимир Жириновски дали Русија треба да одговори на забраната за влез неодамна наметната од Украина за руските мажи, по што политичарот почнал нелогичен и гласен говор, прво обвинувајќи ги политичарките од Украина дека се нимфоманки, а потоа велејќи дека и новинарката мора да има слична дијагноза.
Кога Дубовицкаја рекла дека е бремена, Жириновски остро ѝ рекол да седи дома наместо да оди на работа. По ова тој ненадејно турнал еден од своите помошници кон новинарката велејќи му на младиот човек дека „треба жестоко да ја силува жената“. Соработникот навистина ја допрел Дубовицкаја, додека шокираните колешки ја тргале на страна.
Потоа Жириновски неколку пати извикал: „Христос воскресна! Навистина Воскресна!“ и „Бакни ја, ајде!“.
Кога една друга новинарка, од агенцијата Интерфакс, почнала да ја брани својата колешка, Жириновски ја нарекол лезбијка и ѝ упатил неколку хомофобични забелешки.
Целиот инцидент бил снимен со камера и реакцијата на руската јавност е остра и недвосмислена, вели Раша тудеј.
Заменик-шефот на Комисијата за етика на Државната дума, Андреј Андреев, изјавил за новинската агенција Итар-тасс дека за ова Жириновски би требало да биде принуден да се извини и еден месец да го загуби правото да зборува во Државната дума.
Дубовицкаја е во болница по претрпениот шок, а Раша тудеј планира да го тужи Жириновски и да ја бара најстрогата можна казна.