Помилуван Американец кој помина 26 години во затвор погрешно осуден за убиство

Маж од Северна Каролина, кој одлежа 26 години во затвор, иако беше погрешно осуден за убиство, доби целосно помилување од гувернерот на американската држава.

 Донте Шарп се бореше да ја докаже својата невиност уште кога го уапсија во 1994 година. Од затвор го пуштија во август 2019 година.
Тој беше осуден на доживотен затвор за убиство со умисла, кога имаше 19 години, но неколку месеци по судењето, очевидците го повлекоа сведочењето. Сепак, потребни беа над две децении за да биде поништена пресудата и тој да биде ослободен од затвор.

„Моето презиме е исчистено. Тоа беше товар на моите рамења и на рамењата на моето семејство“, изјави тој.

Гувернерот Рој Купер кажа во соопштение дека одлуката за помилување ја донел по внимателно разгледување на случајот, додавајќи дека оние што се погрешно осудени како Шарп заслужуваат јавно и целосно да им биде исправена неправдата. Па сега со помилувањето, Шарп има право да бара компензација од државата.

Scroll to Top