Поради дефект повторно приземјени авионите 737 MAX

Авиокомпаниите кои во својата флота ги имаат авионите 737 MAX, повторно ќе мора да ги приземјат, затоа што производителот на овие летала, открил нов проблем. Овој пат станува збор за електричниот систем, јавува „Си-ен-ен“.

Сите Боинг авиони 737 MAX претходно беа приземјени од март 2019 година до ноември 2020 година, по двата фатални пада во кои загинаа 346 луѓе, потсетува „Си-ен-ен“.

„Испратена е препорака на адреса на 16 клиенти, да го решат потенцијалниот проблем со електричната инсталација во одредена група на авиони 737 MAX, пред да се продолжи со летовите“, соопштиле од компанијата.

Авиокомпаниите треба да проверат дали една од компонентите на електричниот систем на авионот е доволно заземјувана, прецизирал американскиот производител, додавајќи дека соработуваат со Федералната управа за воздухопловство на САД, на решавање на проблемот.

Од компанијата која ги произведува овие авиони не навеле на кои 16 авиокомпании се однесува ова предупредување, ниту на колкав број на авиони се однесува овој дефект.

Компаниите „Американ Ерлајнс“ и „Саутвест Ерлајнс“, веќе соопштиле дека ќе ги тргнат авионите 737 MAX, од редот на летање. „Американ Ерлајнс“, објави дека привремено ќе ги отстрани 17 неодамна добиени авиони 737 MAX, а „Саутвест Ерлајнс“, навел дека ќе повлече 30 воздухоплови од вкупно 58 колку што ги поседува.

Scroll to Top