Американецот Ричард Филипс минал 45 години во затвор за злосторство кое не го извршил. Сега државата ќе мора да му исплати 1,5 милиони долари обештетување.
Филипс бил осуден во затвор, поради судска грешка, велат властите од американската држава Мичиген. Тој е осуден на доживотен затвор во 1972 година, за убиство за кое тврдел од почетокот дека е невин. Судот го осудил на основа за сведочење кое се покажало како неточно.
Филипс во 2018 година бил ослободен по интервенцијата на службите од Универзитетот во Мичиген. Експертите од Универзитетот кои се занимаваат со исправување на судски грешки ја откриле грешката и навеле дека ниту една личност не минала толку долго време во затвор во САД, поради правосудна грешка.
Поранешниот осуденик досега живеел од продажба на слики кои ги правел во затвор. Некои од неговите дела ги продал за илјадници долари. Филипс сега вели дека наскоро нема да мора да ги продава сликите и дека ќе добие многу пари од обештетувањето.
„Ќе патувам и ќе уживам во животот“, изјавил Филипс коментирајќи ја одлуката за доделување на оштетата.