Поцрне Егејското Море – несреќа која ќе го уништи туризмот на познатиот остров

Четириест години стариот танкер „Агиа Зони 2“, кој пренесувал 2.500 тони нафта, потона во неделата кај островот Саламис, на влезот во заливот кај најголемото грчко пристаниште Пиреја.

Излената нафта од бродот ги поплави брегот и плажите од островот, но грчките власти соопштија дека релативно малиот инцидент е локализиран и дека нафтената дамка што се создала ќе остане во тој дел од морето.

Ваквото објаснување било поткрепено со мирното време и слабиот ветер, но пет денови подоцна нафтената дамка пристигна до атинската ривиера, носена од морските струи и ги зафати најпопуларните плажи во Вула и Вулигмани, минувајќи покрај Глифада, сите три познати станбени предградија на грчкиот главен град.

Локалните власти и еколошките организации и групи кои помагаат во чистењето се огорчени од немарноста на централната власт која не ги има предупредено луѓето во овие предградија да се заштитат на време.

Сите отвори на потонатиот танкер во меѓувреме се запечатени и од него повеќе не истекува нафта, но штета е направена покрај Саламис и на атинската ривиера, која гостите и туристите ја користат до крајот на октомври.

Полицијата ги уапси капетанот на бродот и главниот инженер за „немарност и лошо управување“ со танкерот, што предизвика тој да удри во подводни карпи и да потоне, предизвикувајќи излевање на нафта во морето.

 

Scroll to Top