Стивен Хокинг, еден од најголемите умови во изминатите неколку децении, кој почина минатата недела, во своите последни денови успеал да ја заврши теоријата што може да го објасни и открие патот на човештвото до паралелните универзуми.
Неговите колеги откриваат дека револуционерната математика во академскиот труд на реномираниот теоретски физичар овозможува вселенска сонда да открие траги од повеќекратните паралелни универзуми.
Станува збор за неговото дело „Лесен излез од вечната инфлација“, а во моментот истиот се проверува пред да се објави во едно од најголемите светски научни списанија.
Како што се наведува, овој труд може да биде најважното научно наследство на Хокинг.
Со ваквиот труд Хокинг се обидувал да го реши проблемот за теоријата „без граници“, проблем со кој се соочува уште од 1983 година.
Хокинг на оваа теорија, која би можела да претставува негово „најголемо научно наследство“, работел заедно со докторот Томас Хертог, кој потврдил дека последната ревизија била завршена кон почетокот на март, десетина дена пред смртта на научникот.
Во теоријата се изведуваат математички пресметки неопходни за мисија на вселенска сонда, која би барала докази околу постоењето на паралелен универзум.
Според теоријата, доказите би можеле да се најдат во „заднинска радијација“, која датира од првите моменти од создавањето на нашата вселена.
Британските медиуми пренесуваат дека оваа теорија, ако навистина доведе до некои докази, речиси сигурно ќе им донесе на авторите Нобелова награда, која Хокинг во текот на животот не ја доби.
Сепак, оваа награда не се доделува постхумно.