Произведен првиот авион без прозорци

Авиокомпанијата „Емиратис ерлајнс“ го претстави својот најнов авион, чија главна новина се виртуелните прозорци. Вистински не постојат.

За патниците да може да имаат подобар поглед, на местата предвидени за прозорци проектирани се фотографии што ги забележува камерата од надвор, пренесува Би-би-си.

Авиокомпанијата по тој повод истакнала дека воведувањето на ваквите новитети е со цел леталото да го направи полесно и побрзо за летање. Виртуелните прозорци се наоѓаат во кабината од првата класа во авионот од типот „боинг 777-300ЕР“, најновиот во флотата „Емиратис ерлајнс“.

Претседателот на компанијата, Тим Кларк, изјавил дека сликите се толку добри што дури се подобри и од реалните. Нивната конечна цел во иднина ќе биде да произведуваат авиони без прозорци.

Како што објаснил Кларк, авионите без прозорци се лесни и брзи, а може да летаат повеќе и да трошат помалку гориво.

БЕЗБЕДНОСНИ ПРОБЛЕМИ

Иако претседателот на оваа арапска авиокомпанија ги истакнал низата предности за ваквите летала, експертите за безбедност во авијацијата наведуваат дека персоналот во кабината мора да биде во можност да види што се случува надвор од леталото, особено доколку постои итен случај.

Професорот Грејм Брејтвејт од Универзитетот „Кранфилд“ изјавил дека е многу важно персоналот во кабината да биде во можност да види што се случува надвор од авионот, а особено тоа е неопходно за време на итна евакуација. Исто така, додал дека во случај на евакуација патниците треба да знаат што се случува надвор, особено ако дојде до пожар.

Scroll to Top