Прва награда за „Последните камбани“ на Филмскиот фестивал во Монтреал

Краткометражниот филм „Последните камбани“ ја освои првата награда за кратки филмови на 41. „Монтреал ворлд филм фестивал“, што се одржа од 24 август до 4 септември.

На фестивалот беа прикажани четириесетина кратки филмови од целиот свет, а жирито наградата ја додели на единствениот македонски претставник. Филмот е работен по сценарио и во режија на Никола Поповски, а актерот Мето Јовановски ја игра главната улога.

„Пред десет дена сметав дека да се учествува на фестивал од калибарот на оној во Монтреал претставува и чест и одговорност. Но, да се победи на истиот, и тоа при првото фестивалско учество на филмот, тоа е веќе признание за сите кои го овозможија неговото создавање. Мето Јовановски уште на почетокот ми даде до знаење дека во сценариото го препознал потенцијалот за таа идеја да биде општо прифатена и препознаена“, истакна режисерот Поповски.

„Последните камбани“ говори за осаменоста и соочувањето со неа и ја носи приказната за еден старец, кој преку камбаната комуницира со неговиот пријател од соседното село.

Директор на фотографија е Фејми Даут, а во филмот настапуваат и Сања Николовска Најдовска и Виктор Најдовски.

Scroll to Top