Режисерот Мајкл Мур ја промовира Македонија како топ-дестинација

Познатиот американски режисер, политички активист и писател, Мајкл Мур, преку статус на „Фејсбук“ ја промовира Македонија како топ-дестинација за патување на Американците. Тој во својот статус со револт зборува за американскиот народ велејќи дека 60 отсто од народот нема ниту пасош ниту некогаш ја напуштиле државата и затоа не може ниту да ги сфатат последиците од оваа криза, со која „се справуваат еден идиот и еден социопат“ алудирајќи на претседателот Трамп.

Мур им препорачува на Американците и каде да се сместат ако одлучат да дојдат во земјата, а  објави фотографии од Старата скопска чаршија.

„Планирате патување за празниците? Знаете дека остатокот од светот нè смести во приватен затвор, така? Дека ни е забрането да патуваме и да влеземе во која било држава на планетава. Само осум држави дозволуваат влез со американски пасош, без никакви рестрикции (карантин, тестирање, виза). Ова се осумте нации каде како Американците може слободно да патуваат, без прашања или лекарска белешка: Македонија, Косово, Тунис, Турција, Доминиканската Република, Мексико, Малдиви, Србија. Има уште 23 држави што би нè пуштиле, но со ограничувања и карантини. Нас нè сметаат како голем ризик за здравјето врз остатокот на светот, тие повеќе би сакале да откажат посети од американски деловни луѓе, банкари, туристи, студенти, научници, филмски продуценти, продавачи на кока-кола. Сите ние сме закана, но тоа не е ништо ново.

Остатокот од светот е вознемирен што во оваа криза нè водат идиот и социопат. За светот, ние сме чума. Ние сме опасни. Ние сме болни. Тие ја заклучија портата, го повлекоа катанецот, ја треснаа вратата. Повеќето од нас немаат идеја дека светот нè стави во домашен притвор. Тоа е затоа што огромното мнозинство од нас никогаш не ги напушта САД во текот на животот. Речиси 60 проценти од нас немаат пасош. Имаме мал интерес за остатокот од планетата – и тоа е во ред со нив. Тие попрво би останале дома извикувајќи го нашето национално мото („НИЕ СМЕ БРОЈ 1!“) и да го славиме нашето од Бога дадено право да не мора да носиме маски. Не заборавајте да го посетите Скопје, главниот град на Македонија“, напиша, меѓу другото, Мур.

Scroll to Top