Русија нема да продава вакцини против коронавирусот сè додека не обезбеди доволно за себе

Министерот за здравство на Руската Федерација, Михаил Мурашко, изјавил дека досега стигнале многу барања за набавка на руската вакцина против коронавирусот, но Русија нема да ги продава сè додека не се обезбеди доволен број вакцини за потребите на сопствениот пазар.

„Засега нема да продаваме вакцини на други земји. Постојано ни стигаат нови барања, но ние мораме првенствено да осигуриме доволен број вакцини за својот пазар. Процесот е почнат“, изјавил тој, пренесува српски „Курир“.

Според зборовите на Мурако, први во редот за вакцина ќе бидат оние што работат непосредно со пациентите, а веднаш потоа оние што се најризични.

Исто така, изјавил дека производството е веќе почнато, како и дека првата вакцина ќе биде подготвена во текот на овој месец. Тој додаде и дека има намера и самиот да се вакцинира.

Русија одговара на критиките

Русија има намера во наредните неколку дена да објави комплетна документација на клиничките испитувања на новите вакцини против коронавирусот, изјавил министерот за здравство на Руската Федерација, Михаил Мурашко.

Тој оценил дека критиките упатени против руската вакцина во голема мера се поврзани со тоа што е потребно да се има „далеку повеќе информации за испитувањето на вакцините“ бидејќи не знаат сите дека оваа вакцина е направена на платформа на која веќе се реазлизирани шест други производи.

Мурашко изјавил дека и покрај тоа што вакцината е веќе пуштена, клиничките истражувања ќе продолжат и во иднина.

„Во наредните неколку дена ќе биде објавена комплетна документација на сите клинички испитувања“, нагласил тој.

 Извор/Курир.рс
Scroll to Top