Руски доктор открил тајна за детски имунитет: „Не ги лекувајте со чудотворни лекови, туку со ова“

Многу родители веруваат дека постои лек кој на чудотворен начин може да влијае на зајакнувањето на имунитетот кај децата, меѓутоа, еве што советува Јевгениј Комаровски, познатиот лекар и автор на многу книги за деца.

Јевгениј Комаровски, доктор по медицински науки, телевизиски водител и автор на многу книги за нега на деца, даде ексклузивно интервју за „Спутник“ за борбата против алергии, зајакнувањето на имунитетот кај децата. Тој на многу едноставен начин дава совети како во денешно време треба да се воспитува здраво дете.

„Луѓето генерално, па и децата конкретно, имаат способност за адаптација на сите временски услови. Промената на климата може сериозно да делува на иднината на човечката цивилизација, но и премногу е преувеличено влијанието на овие  промени врз здравјето на едно дете.

Животот во современото семејство денеска се разликува од тоа што било вообичаено пред 20 или 30 години. Се е поинаку: од негата на децата, до куќната техника, клима-уредите, храната, но и времето поминато на свеж воздух, па и квалитетот на самиот воздух, спортот и рекреација во детските установи, и предучилишните и училишните. Посебно прашање е денешната медицинска етика. Паролата на агресивните фармаколози гласи: нема здрави, постојат само оние кои не се доволно темелно прегледани. За секој, па и најмал проблем, фармацевските компании имаат лек. Уште еден важен фактор се и компјутерите кои сериозно влијаат врз современото одгледување на деца и комуникација меѓу децата и родителите.

Сето ова го наведувам за да привлечам внимание на тоа дека родителите се склони да ги земат климатските фактори како оправдување за сопствените грешки и мрзеливост, бидејќи здравјето и имунитетот на децата се формираат од начинот на живот. А мајката и таткото се тие кои го обликуваат животот на детето.

Кога родителите не можат да проценат што е добро а што лошо за нивното дете, тогаш не можат да организираат правилна нега, односно режим на исхрана, вежбање, шетање, укажување на основна медицинска помош при честите детски болести – сето тоа доведува до тоа родителите “во хор“ да се повикуваат на лошата клима, загадениот воздух, неорганизираната држава, лошите лекари и итн.

Уште една типична заблуда е и тоа што повеќето возрасни се убедени дека постои лек кој на чудотворен начин може да влијае врз имунитетот на детето. Такви лекови всушност не постојат, а тоа што стои на рафтовите во бројните аптеки, се “шарени лаги“. Употребата на тие препарати служи само за тоа родителите да можат да “стават цртка“ дека направиле нешто добро за своите деца. Друга цел на продавањето на тие лекови е и да се наполнат џебовите на производителите.

Ако сакате вашето дете да не боледува, ако сакате брзо и лесно да се адаптира на животните услови и на околината кои многу брзо се менуваат, тогаш читајте, интересирајте се. А пред се немојте да дозволите детето да биде претопло облечено, немојте премногу да го храните, стимулирајте секојдневна физичка активност и немој да го држите детето во “стерилни“ услови. Со децата поминувајте повеќе време на свеж воздух и немојте да им давате “магични“ таблети за зајакнување на имунитетот. Пред се на децата и се потребни мајката и таткото“ – изјави доктор Јевгени Комаровски.

 

Scroll to Top