Се гушкаат за да преживеат: фотограф минал две зими на Антарктикот со 10.000 пингвини

Германскиот фотограф Штефан Кристман поминал две зими меѓу 10.000 царски пингвини во колонија во заливот Атка на Антарктикот. Тој ова го раскажува во својата нова книга „Пингвин: Приказна за преживувањето“, но сподели и фотографии од ледениот континент.

Неговата прва зима на Антарктикот била во 2012 година. Тогаш тој работел како геофизичар во германскиот институт „Алфред Вегенер“ и останал 15 месеци во станица во близина на заливот Атка. Тука секоја година се собираат 10.000 царски пингвини.

„Тајното оружје на пингвините против студот и нивната ултимативна стратегија за преживување е гушкањето. Тоа функционира како голем инкубатор. Тие стојат блиску еден до друг, со главите стуткани меѓу рамениците на птиците што се пред нив. Делејќи ја телесната топлина, температурата во центарот на гушкањето може да достигне до 37 Целзиусови степени“, вели Кристман.

Тој се вратил на Антарктикот во 2016 година со екипа на Би-би-си и работел како камерман и официјален фотограф на снимањето на серијата „Династии“. Звукот што го прават 10.000 пингвини го опишува како нешто неверојатно.

„Тие имаат многу карактеристичен повик кој личи на труба. Многумина би го опишале звукот како грд, но тоа е повик на животот на крајот на светот и затоа за мене е величествена симфонија. Секој повик има индивидуална мелодија и ритам, што е суштински за идентификување на поединците“.

Фото: Ш. Кристман

 

 

Scroll to Top