Сè што поседувал му оставил само на еден пријател

Најозлогласениот убиец на 20 век, Чарлс Менсон, кој почина неодамна на 83-годишна возраст, наводно целокупниот свој имот му го оставил на еден свој пријател со кого се допишувал, а на својата поранешна жена и децата не им оставил ништо. Тестаментот наводно е напишан на 14 февруари 2002 година.

Според тој документ, Менсон целиот свој имот, заработката и своето тело му го оставил на Метју Робертс со кого почнал да се допишува во 1997 година. Се верува дека Менсон заработил 250.000 долари додека престојувал во затвор, пренесува „Мирор“.

ТМЗ го објави овој тестамент, а според него, Менсон му го оставил на господин Робертс дури и својот музички каталог.

Се претпоставува дека Менсон заработувал 10 центи за секоја маица што е продадена со неговиот лик, а зборовите Charlie don’t surf го прославија во филмот „Апокалипса денес“ од што исто така заработувал.

Неговите слики се продавани преку интернет, а напишал и голем број песни вклучувајќи и една што ја сними „Бич бојс“, но таа никогаш не била издадена.

Во 1970 година Менсон издал и албум, а преостанатите членови од неговиот култ „Семејство“ издадоа две цедиња со негова работа.

Наводно, тој снимил акустичен албум во 2010 година, а делото го продуцирал Хари Ролинс.

Во тестаментот Менсон не ги споменал своите деца, поранешната жена, семејството, пријателите, затворениците, адвокатите, полицијата, затворските чувари и државата Калифорнија.

Робертс може да го преземе телото на Менсон.

Неговиот пријател Бен Гурецки за „Сан“ изјави дека Робертс не е само наследник, туку тој бил и изгубениот син на Менсон, но тие тврдења никогаш не биле докажани.

Менсон и Робертс со години се допишувале, а Робертс првпат му пишал, како што вели, од љубопитност, а по 50 писма, конечно, добил одговор во 1997 година.

Потоа продолжиле да комуницираат преку телефон, а Робертс го посетувал и во затвор. Првпат се запознале во 2002 година, а последен пат се виделе само еден месец пред смртта на Менсон.

Менсон сам го напишал тестаментот, а сведок бил еден од затворениците, пренесува „Мирор“.

Робертс до 29 ноември може да го преземе неговото тело, кое, според тестаментот, исто така му припаѓа, а доколку не го направи тоа, државата ќе го кремира.

Колку за потсетување, Менсон и неговите следбеници се осудени за убиство на актерката Шерон Тејт и уште шест лица во текот на двата крвави напада во 1969 година. Тејт инаку била сопруга на Роман Полански и била бремена во периодот кога била убиена.

Гледајте го видеото:

Scroll to Top