Се вакцинираше единствената жителка на грчкиот остров Кинарос

Единствената жителка на грчкиот остров Кинарос, Ирини Кацотурхи (76), прими вакцина протов Ковид-19. Мобилна единица на Националната организација за јавно здравје на Грција и покрај лошото време стигнала на оддалечениот грчки остров за да ја вакцинира Кацотурхи.

„Пораката што единствената жителка ја испраќа од Кинарос е јасна. Тоа е порака на одговорност кон самите себе и кон општеството“, рекол Лефтерис Карајску, градоначалникот на соседниот остров Аморгос, за грчката телевизија ЕРТ. Тој додал и дека во нормални услови патувањето меѓу двата острова трае еден и пол час, а сега им требале четири и пол часа да стигнат, поради силниот ветер и лошото време.

Грчките медиуми пишуваат дека Ирини Кацотурхи е родена на Аморгос, но израснала на Кинарос. Откако се омажила поминала извесно време со сопругот и децата во Австралија, а по враќањето, со нејзиниот сопруг во 2000 година се преселиле на Кинарос. Од смртта на сопругот во 2013 година, таа живее сама, а неопходните продукти на островот ѝ ги носат еднаш неделно од соседниот остров Аморгос.

Scroll to Top