Седумдесетгодишната Марија може да стане најстарата родилка во историјата

Седумдесетгодишна жена од Мексико, која тврди дека е бремена, би можела да стане најстарата родилка во историјата ако успее да се породи за три месеци.

Марија дела Луз од Мазатлана верува дека е бремена и дека носи девојче, пишува „Метро“.

Таа изјавила дека има слики од прегледот со ултразвук, а и покрај тоа што не сака да открива никакви детали за бременоста, вклучувајќи и тоа дали била подложена на вештачко оплодување, Марија изјавила дека првпат се посомневала дека е бремена пред три месеци.

„Ме болеа нозете, ми се вртеше, повраќав. Ми направија десетина прегледи со ултразвук. Бев и во приватна клинка, но и во јавна болница. Лекарите не можеа да поверуваат“, изјавила Марија и додала дека дознала оти носи девојче.

Таа ја покажала фотографијата од ултразвукот и рекла дека на бебето му се гледа главата. Следниот преглед е за еден месец, а Марија изјавила дека очекува породувањето да се изведе со царски рез поради нејзините години.

Марија веќе има седум деца и признала дека некои од нив не се премногу воодушевени што ќе добијат сестра.

„Ми рекоа дека сум премногу стара за вакви работи“, раскажува Марија.

Ако Марија се породи, ќе стане најстарата родилка во историјата. Во моментот рекордот го држи Мариа дел Кармен Боусад де Лара, која на 66 години ги родила близнаците Кристијан и Пау.

 

 

 

 

Scroll to Top