Секоја година за својот роденден добива писмо од покојната сопруга

Кејт пред две години починала од карцином, но нејзиниот сопруг и понатаму за секој роденден добива роденденска честитка од својата покојна жена.

На својот 41. роденден Крис Поинтон не можел да ја дочека да ја отвори честитката од својата сопруга Кејт.

„Најубави роденденски желби!“, било напишано со шарени букви на жолтата позадина на предната страница од честитката. Со уреден, малку необичен ракопис во честитката било напишано:„Најдраг Хампти Дампти. Ти убавецу. Сега си во четириесеттите години. Дали веќе ја изгуби косата? Те сакам и секогаш ќе те сакам. Ќе те сакам многу. Кејт “.

Крис објаснува дека надимакот Хамти Дампти го заработил поради својата неумешност и, точно како што Кејт предвидела, речиси целосно оќелавел.

Кејт не е тука да ја види неговата насмевка, ниту може да ги види солзите што му се собирале во очите додека зборувал за својата прекрасна сопруга со големо срце. Починала пред речиси две години, во јуни 2016 година, по петгодишната борба со агресивниот карцином во коските, кои ѝ бил дијагностициран кога имала 29 години.

Пред смртта Кејт во кутија под креветот ги сокрила честитките, писмата и другите спомени за Крис и другите членови од семејството. Нејзиниот гест потсетува на романтичен филм „П.С. Те сакам“ снимен според истоимената книга, па Кејт тајно напишала роденденска честитка за Крис за секоја година сè до 2042 година, до неговиот 65. роденден.

Во моментот на разделба  Кејт му кажала на Крис каде се наоѓа кутијата, а тој морал да ѝ вети дека ќе ги отвора на точниот датум кој го пишува на писмата.

„Ја нарекла кутија на спомени. Не го гледала филмот, ниту ја читала книгата, тоа е едноставно нешто што сакала да го направи“, објаснил Крис.

„Знаев за таа кутија и порано, но не ми дозволи да видам што има внатре. Голема е колку кутија за чевли, а по целата кутија се нацртани панделки кои Кејт ги обожавала. Кутијата првпат ја отворив на 23 јуни 2016 година на денот кога умре“, изјавил Крис за „Дејли мејл“.

„Ми рече дека таму се наоѓа писмо за мене кое треба да го отворам недела дена по нејзината смрт. Тоа беше многу важен емотивен ден, но Кејт знаеше што треба да каже за да ме насмее и да престанам да се самосожалувам“, објаснил тој.

„Тогаш пронајдов еден куп роденденски честитки. По една годишно, сè додека не наполнам 50 години, потоа една за мојот 60. роденден и една за 65. роденден. Тогаш планирала да прекине затоа што имала желба да заминам во пензија и да се преселам на брегот и да отворам хотел. Мислам дека сакаше да се погрижи да го одржам тоа ветување“, вели тој.

Првата честитка која Кејт постхумно му ја испратила била минатиот април, кога наполнил 40 години.

Тогаш тој бил на Шетландските Острови каде што ја исполнил нејзината желба да ја истури пепелта на плажата што заедно ја посетиле. Со себе ја понел и честитката.

„Мој драг Кристофер, 40 години! Уште малку и преку брдото. Се надевам дека ќе имаш прекрасен ден и дека убаво ќе се забавуваш. Толку те сакам и се надевам дека не ме имаш заборавено. Секогаш сум со тебе, убавецу. Те сакам“, пишувало во писмото.

ЖИВОТОТ СО КЕЈТ Е ДЕЛ ОД МЕНЕ

Крис по погребот го продал нивниот заеднички стан и сега патува по светот подигнувајќи ја свеста за кампањата што ја покренала Кејт. Секаде со себе ги носел нејзините честитки.

Знам дека такво нешто не е за секого. Знам дека некои мислат дека тоа е морбидно или дека честитките ми оневозможуваат да продолжам понатаму со животот. Но, пред да умре, разговаравме за тоа што ќе правам јас без неа“, напоменува Крис.

„Таа сака да пронајдам некој друг, да се оженам и да имам семејство. Нејзините точни зборови беа ‘Би била тажна доколку не го направиш тоа затоа што ти имаш многу да дадеш’.

Моето минато со Кејт е дел од мене. Ако не продолжам понатаму, сигурен сум дека ќе ми испрати честитка и ќе ме праша што чекам и ќе ми се смее. Тоа е нејзиниот начин да ме чува, да внимава да се забавувам и да внимава на мене да не заборавам на нашиот план за отворање на хотелот. И во 2042 година, кога ќе бидам пензионер, таа ќе биде со мене“, вели Крис.

 

 

 

Scroll to Top