Две семејства, чии членови загинаа во хеликоптерската несреќа во која настрада и славниот НБА-кошаркар, Коби Брајант, добија 2,5 милиона долари отштета поради нелегално споделување фотографии од местото на настанот, пренесува агенцијата „Асошиетед прес“.
Договорот за отштетата е објавен во вторникот, 2 ноември, а парите нема да ги добие вдовицата на Коби, Ванеса, иако таа ја поднесе тужбата за нелегалното споделување на фотографиите.
За потсетување, во несреќата, која се случи на 26 јануари 2020 година, покрај Коби, загина и една од неговите ќерки, Џијана, и уште седум други лица. Хеликоптерот се сруши западно од Лос Анџелес. Единствените што имале право да фотографираат на местото биле истражителите од агенцијата задолжена за безбедност на превоз – NTSB и службеници од правосудната медицина.
Сепак, полицајците и пожарникарите од округот во Лос Анџелес снимале со мобилни телефони. Тие, покрај местото на падот, ги фотографирале и жртвите, а потоа ги споделиле на други лица.
Поради тоа, избувна скандал, а семејствата на жртвите поднесоа и тужба против локалните власти поради незаконско споделување на фотографиите. Адвокатите што го застапувале округот во Лос Анџелес во извештајот препорачале дека е постигнат договор со семејствата.
На тој начин е избегнато продолжение на долгиот судски процес, кој досега чинел 1,3 милион долари. Метју Маузер е човекот што треба да добие 1,25 милион долари отштета, како и Џеј Џеј и Алексис Алобели. Маузер во несреќата ја изгубил сопругата, а Џеј и Алобели родителите и сестрата.
Рочиштето во судската постапка што ја повела вдовицата на Коби, Ванеса, е закажно за февруари 2022 година. Адвокатите на Градот тогаш побарале да ѝ се направи психијатриско испитување. Тие сакаат да докажат дека Ванеса страдала од депресија и емоцинален стрес.
Тие сметале дека таа страдала од губењето на сопругот и ќерката, а не поради фотографиите што излегле во јавноста. Округот во Лос Анџелес побарал судски налог за објавување на медицинската документација во рамките на својата одбрана.
Исто така, наведено е дека Ванеса не може да страда поради фотографиите од местото на несреќата, кои никогаш не се видени, ниту се некаде јавно објавени. Нејзините адвокати изјавија дека се разочарани од ваквите барања и сметаат дека тоа ќе ја принуди Ванеса да се сети на тоа што се случило и дополнително ќе ја повреди.