„Синами“: Нова приказна во македонскиот ИТ ќе го освојува светскиот пазар

По две децении глобална препознатливост во рамките на Групацијата „Сеавус“, новата македонска ИТ-компанија „Синами“ продолжува да го освојува светскиот пазар

„Иновативни софтверски решенија што го модернизираат начинот на кој работат нашите клиенти“, е мотото на македонската ИТ-компанија ‘Синами (www.synami.com). Компанијата до неодамна беше дел од групацијата на ‘Сеавус’, меѓутоа по аквизицијата на „Сеавус“ од страна на чешката компанија ‘Арикома груп’, ‘Синами’, која остана во сопствеништво на холдингот на Игор Лештар, почнува сосема нова приказна и продолжува да дејствува самостојно на светскиот ИТ-пазар потпирајќи се на своето 20-годишно искуство во развој на софтверски решенија.

Игор Лештар, македонски ИТ-претприемач и инвеститор, има амбициозен план за раст и развој на компанијата. Иако „Синами“ е ново име, компанијата има огромно искуство и богато портфолио на клиенти од висока класа, каде што се вбројуваат дури и Airbus, Tesla, Rolls Royce, McLaren и многу други што ги користат софтверските решенија на оваа македонска компанија.

Како дел од „Сеавус“, компанијата има развиено многубројни иновативни продукти на кои им веруваат повеќе од 6 милиони корисници и над 4.500 компании од 172 земји, вклучувајќи 70 % од претпријатија на Fortune 500.

„Со искуството и знаењето што го стекнуваме работејќи на решенија за најголемите водечки глобални компании, практично влегуваме на светскиот ИТ-пазар со ново име, но со огромно искуство и знаење. Потпирајќи се на успешните меѓународни искуства и развојот на многубројни софтверски иновации веќе 20 години, имаме амбиција да бидеме двигател на дигиталното општество и сериозен играч на светскиот пазар. Во таа насока и продолжуваме да инвестираме во развојот и растот на компанијата, вложуваме во нови ИТ-кадри и промоција на нашата експертиза и производи на глобално ниво. Дигитализацијата е неминовен процес во денешното живеење, а ковид-пандемијата уште повеќе ги забрза процесите и потребите на пазарот за иновативни ИТ-решенија. Нашето искуство и силниот и компетентен тим ни овозможува да реагираме бргу на промените на пазарот и да бидеме чекор понапред во испораката на производи за потребите на клиентите“, изјави Игор Лештар, сопственик на „Синами“.

Поаѓајќи од фактот дека ИКТ-индустријата во земјата расте по сите основи, а локалниот ИТ-пазар на труд сè уште се соочува со дефицит на квалификувана работна сила, од компанијата додадоа и дека во овие исклучително конкурентски услови човечкиот капитал и натаму останува нивниот највреден ресурс: „Свесни сме за сè поголемата побарувачка на квалитетни и искусни кадри дотолку повеќе што пандемијата на Ковид-19 забрзано ја наметна потребата за дигитално дејствување на сè поголем број компании. Оттука, нашата стратегија за развој се темели на силно вложување во нови ИТ-кадри и развој на постојните. Ова е основ за раст на економијата базирана на знаење“, истакнаа од „Синами“.

Основниот фокус на компанијата е развој на софтверски продукти од идеја до комплетна реализација во сферата на проектниот менаџмент. Во своето портфолио „Синами“ вбројува разновидни бизнис-продукти, кои ја подобруваат организациската ефикасност, но и работниот процес на компаниите, овозможувајќи заштеда на трошоци и време и зајакнувајќи ги комуникацијата и тимската работа.

Scroll to Top