Синедејс почнува вечерва во парк: Преку 40 премиери на фестивалот на европски филм

Вечерва во 21 часот во Градски парк во Скопје ќе се отвори 20. Фестивал на европски филм Синедејс. Фестивалот годинава е со слоганот „Филм фактор 20“, а ќе трае до 21 јули.

Фестивалот ќе го отвори мјузиклот „Анет“ на Леос Каракс, со Марион Котијар и Адам Драјве во главните улоги. Овој филм го отвори и Канскиот фестивал на 6 јули и влезе во официјална селекција во трката за Златната палма.

По промоцијата на филмот, во паркот зад Младинскиот културен центар (МКЦ) во 23:30 концерт ќе одржи групата „Бела техника“, која е основана 2016 година од двајца членови на култниот белградски бенд „Дарквуд Даб“, а со нив пее оперската пејачка Катарина Јовановиќ.

На годинашниот Синедејс ќе се прикажат над 40 филмови, на локации покрај Вардар, езерцето во Градскиот парк, на врвот на Водно или на Кале, МКЦ, Градскиот парк, паркот Ибни Пајко.

Филмовите се распоредени во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, Селекција на анимирани музички видеа, МК во ЕУ, УНИЦЕФ екофилм програма, МК кратки филмови, БАФТА 2020, СЕЕ програма, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – синемјузик.

Билетите чинат по 100 денари, за сите концерти и филмови, освен за филмовите од поп-ап кино, кои се бесплатни. Со секој купен билет за филм следува и пропусница за синемјузик програмата предвидена за тој ден.

Scroll to Top