Тасманските ѓаволи се вратија во Австрлија по 3.000 години откако исчезнале

Тасманските ѓаволи се пуштени во дивина на австралискиот континент 3.000 години откако исчезнале таму, а конзерваторите ова го опишаа како историски чекор. Конзерваторската група „Оси арк“ објави дека 26 единки од овој месојаден цицач се ослободени во 400 хектари големо засолниште во Барингтон Топс, северно од Сиднеј. Во наредните две години  треба да бидат пуштени уште 40-ина. Претседателот на „Оси арк“, Тим Фолкнер, го спореди проектот со успешното враќање на волците во националниот парк Јелоустон во 1990-тите.

„По 16 години работа, што вклучи и воспоставување на најголемата програма за размножување на тасманскиот ѓавол во Австралија, изгледа нереално дека сме ја постигнале целта. Ова е она за што сонувавме. Нашиот најголем домороден предатор е тигрестиот квол, кој има нешто повеќе од еден килограм, така што враќањето на нешто вака огромно е важна работа“, изјави Фолкнер.

Тасманскиот ѓавол може да порасне до осум килограми и лови животни или јаде мрши. Според здравствените власти, тие не се опасни за луѓето или домашните животни, но знаат да се бранат ако се почувствуваат загрозено. Се проценува дека во дивина има помалку од 25.000 тасманиски ѓаволи, што е само една шестина од нивната бројка од 1990-тите, кога биле десеткувани од мистериозна смртоносна болест.

Scroll to Top