Тажната судбина на девојчето со најубавите очи во светот

Ликот на Шарбат Гула, девојчето од Авганистан што се најде на насловната страница на „Нешнал џиографик“ во 1985 година, и понатаму го знаат луѓето во целиот свет. Ова и денес е најпрепознатливата насловна страница на списанието. Сликата од Шарбат ја направил Стив Мек Кари, кој во тоа време работел на приказна за советската окупација на Авганистан и за бегалската криза.

Иако немал можност често да слика жени, го повикале да фотографира во импровизирано училиште, каде што учеле девојчиња кои не носеле бурки и чиишто лица биле откриени. Името на девојчето што го сликал било објавено 17 години подоцна.

Мајката на Шарбат починала кога таа имала осум години, па тогаш заедно со татка си, четирите сестри и братот пребегнале во Пакистан. На почетокот живееле во бегалски камп. Татко ѝ ја омажил кога наполнила 13 години, но маж ѝ починал од хепатит Ц пет години подоцна. Од истата болест починала и нејзината најстара ќерка.

Во 2002 година Шарбат повторно се најде на насловната страница на реномираниот магазин, овојпат како позира со својата стара фотографија. На новинарите им требала речиси цела година да ја пронајдат девојката за да ја сликаат.

Во интервјуто за магазинот, тогаш рекла дека се надева дека конечно ќе го пронајде својот мир. Неколку години претходно ја продала куќата во Пакистан од страв дека може да ја уапсат бидејќи немала лични документи, кои не ѝ биле дадени ни кога имигрирала од Авганистан. Само два дена пред да се врати во родната земја со децата, во полициска рација била уапсена и затворена.

Поминала една недела во затвор, а потоа една недела во болница каде што ја лекувале од хепатит Ц.

„Тоа беа најтешките денови од мојот живот“, раскажала Шарбат за „Нешнал џиографик“.

Кога Пакистанците сфатиле која е затворената жена, ѝ понудиле да остане во земјата, но таа одбила. Побарала само документи за да може да влегува во земјата за да ги посетува гробовите на сопругот и ќерката.

Шарбат денес е 46-годишна жена, која конечно живее мирен живот во Кабул. Куќата во која што живее ѝ е подарок од претседателот Гадафи. Има четири деца, но ниедно од нив ја нема нејзината боја на очи.

Scroll to Top