Тестаментот на принцот Филип ќе остане тајна уште најмалку 90 години

Тестаментот на војводата од Единбург, принцот Филип, ќе остане тајна уште најмалку 90 години заради заштитата на достоинството и положбата на кралицата. Станува збор за традиција долга повеќе од еден век. Кога еден член од британското кралско семејство ќе почине, од судовите се бара да се запечатат нивните тестаменти, пренесува Би-би-си.

Тоа значи дека кралските тестаменти, за разлика од повеќето други, се недостапни за јавноста. По 90 години ќе се одржи приватен процес, во кој ќе се одлучи дали може тестаментот да се отпечати. Сослушувањето за барањето за печатење на тестаментот се одржа во тајност во јули од страна на сер Ендру Мекфарлан, највисокиот судија во Врховниот суд.

Тој ги сослуша аргументите на адвокатите што го застапуваат имотот на покојниот војвода, како и аргументите на државните адвокати и во четвртокот ја објави својата одлука. Сер Ендру објасни дека тој, како претседател на Семејното одделение на Високиот суд, е чувар на сефот во кој има повеќе од 30 коверти, а во секој од нив е запечатена волјата на починатиот член на кралското семејство.

Првпат по повеќе од стотина години, почнат е процес кој овозможува објавување на тестаментите. За потсетување, принцот Филип почина во април годинава, на 99-годишна возраст.

Scroll to Top