Тинејџер се разбуди од кома и не знае дека има пандемија

Џозеф Флавил (19) беше во кома 10 месеци откако лани го удри автомобил додека преминувал улица во Бартон-на-Трент неколку недели пред да почне целосното затворање во Велика Британија.

Несреќата се случи на 1 март 2020 година, а Џозеф беше во кома со сериозна повреда на мозокот, но сега полека закрепнува и почнува да реагира на околината.

„Нема да знае ништо за пандемијата бидејќи беше во длабок сон 10 месеци. Свесноста за околината полека му се подобрува, но едноставно уште не знаеме што сѐ знае“, изјави тетка му Сали Флавил Смит за „Гардијан“.

„Не знам од каде да почнеме со сето тоа. Ако некој пред една година ми кажеше што ќе се случува изминатава година, мислам дека немаше да му поверувам. Немам поим како Џозеф ќе сфати низ што сѐ поминавме сите ние“.

Таа понатаму вели дека членовите на семејството се обиделе преку видеоповик да му објаснат дека не се со него во болница поради рестрикциите воведени за заштита од коронавирусот, но дека не се обиделе да му објаснат до какви размери е стигната пандемијата.

„Зборуваме за тоа на телефон и се обидуваме да нѐ сфати дека сакаме да сме таму и да го држиме за рака, но дека едноставно не можеме поради ковид-кризата. Сепак, се трудиме да му ги кажуваме нештата што е можно поедноставно, навистина немаме време да ја раскажуваме пандемијата на долго и широко – едноставно не звучи реално, нели? Кога ќе смееме да се видиме лице в лице, ќе имаме можност вистински да му објасниме што сѐ се случи“, објасни тетката.

Џозеф првично го лекуваа во Општата болница во Лестер, а сега е префрлен во центарот за нега „Адерли Грин“ во Стоук-на-Трент, каде што продолжува неговото закрепнување и рехабилитацијата. Почнал да ги мрда рацете и нозете и комуницира со семејството и пријателите со трепкање и насмевнување.

Флавил Смит изјави дека тинејџерот сега за сега може да следи инструкции, како, на пример, да си ги допре левото и десното уво, да ги движи нозете, да одговара со „да“ и „не“ со трепкање, а за неговите први насмевки неговото семејство се расплакало од среќа.

 

Scroll to Top