Тинејџери од Скопје развија 3Д-испечатена бионичка рака 30 пати поевтина од претходно направените

Четири средношколци од Скопје, Борис Ночески (17), Анамарија Илиева (17), Тео Китановски (16) и Орхан Бахашов (17), со помош на 3Д-принт технологија создадоа бионичка рака, која е лесна за користење, а чини 30 пати помалку од цената на моментно постојните протетики. Младите иноватори бионичката рака, наречена „венус арм“, ја создадоа во својата компанија „Ебионикс“.

„Постојните бионички раце се тешко достапни, тие чинат илијадници долари, може да бидат купени во неколку развиени држави и мора постојано да се менуваат, особено за млади личности што растат“, вели Борис, кој e коосновач на „Ебионикс“.

Милиони луѓе на глобално ниво страдаат од некаков проблем со горните екстремитети кои може да го нарушат физичкото и менталното здравје и да ги спречат луѓето да си ги вршат секојдневните обврски. Протетичките раце и вештачките екстремитети им помагаат да бидат понезависни и полесно да си ги вршат обврските, но голем проблем е што протетиките се скапи и мораат редновно да се менуваат, особено кај младите што растат и чие тело се развива.

„Венус арм“ е 30 пати поевтина од втората најевтина бионичка рака што е претходно направена. Таа може да се испечати на 3Д-печатач за еден час, а секој може да ја испечати сам користејќи ги инструкциите што се дадени на веб-страницата на „Ебионикс“.

„Нашата ‘венус арм’ е целосно испечатена во 3Д и користи мускулни сензори за да дозволи флексибилно движење што му помага на корисникот во секојдневниот живот. Затоа е лесно приспособлива за секој. Бионичките раце земаат сигнали од корисникот од истите мускули што ја движат човечката рака, а специјално изградените сензори земаат електрични сигнали и ги користат за да ја движат раката“, вели Борис.

„Ние веруваме дека овие проблеми може да бидат решени со поинаков пристап до технологијата за бионички раце. Иако можеби луѓето не веруваат во ова што го правиме затоа што сме многу млади, ние имаме визија што се трудиме да ја оствариме“, додава тој.

Scroll to Top