Тинејџерка сама ќе лета околу светот со својот авион

Тинејџерката Зара Радерфорд (19) на 11 август ќе тргне на патување околу светот долго 51.000 километри со својот ултра-лесен авион „Шарк“, најбрзиот микро-авион во светот. Ако Зара го заврши потфатот, ќе биде најмладата личност која со мало воздушно летало го обиколила светот.

Зара се надева дека на овој начин ќе им го отвори патот на девојчињата и жените во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката и ќе инспирира другите девојки да ги следат нејзините стапки.

„Сакам да летам низ светот. Нека ме видат девојките и нека си помислат: ‘Би сакала и јас да летам еден ден’. Во авијацијата, постои разлика меѓу мажите и жените. Мојата цел е да се доближам до рекордите, а потоа се надевам дека други девојки ќе се обидат да го надминат мојот рекорд и ќе почнат да се натпреваруваат со момчињата“, вели Зара.

Нејзините родители, Беатрис де Смет и Сем Радерфорд, и двајцата се пилоти. Но, мајка ѝ не била среќна кога Зара ѝ кажала за својата идеја.

„Ми требаше време да го сварам тоа, но, сега сум многу горда и целосно ја поддржувам“, вели Де Смет.

Тинејџерката ќе го финансира патувањето сама и со помош на спонзор, па се надева дека ќе го заврши патувањето за околу два до три месеци.

Сегашниот светски рекорд го држи Шајста Вајз која го заврши своето патување на 30-годишна возраст.

Scroll to Top