Трамп ги дочека Американците кои ги ослободил Ким Џонг-ун

Воениот авион во кој се наоѓале тројцата Американци кои беа ослободени од Северна Кореја утрово слетал во воена база во близина на Вашингтон. Американскиот претседател Доналд Трамп ги пречекал тројцата поранешни затвореници и изјавил дека САД му се заблагодаруваат на севернокорејскиот лидер.

„Сакаме да му се заблагодарам на Ким Џонг-ун“, изјавил Трамп поздравувајќи го ослободените Американци.

Трамп истакнал дека ова е посебна ноќ за нив тројцата. Претходно тој и неговата сопруга Меланија влегле во авион да ги поздрават Ким Џонг Чул, Ким Хак Сок и Тони Ким.

„Боингот C-40“ слетал во базата „Ендрјуз“ во 2:42 часот по локално време, а пред леталото имало големо американско знаме кое било закачено помеѓу две пожарникарни возила.

Поранешните затвореници ќе бидат префрлени во Националниот воен медицински центар каде што ќе бидат дополнително прегледани, соопштиле од Белата куќа.

Тие биле ослободени околу 20 часот, за време на посетата на државниот секретар на САД, Мајк Помпеу, во Северна Кореја.

КОИ СЕ АМЕРИКАНЦИТЕ КОИ ГИ ОСЛОБОДИЛА СЕВЕРНА КОРЕЈА?

Државниот секретар на САД, Мајк Помпеу, вчера ја напуштил Северна Кореја заедно со тројцата американски државјани кои биле ослободени од притвор во таа земја во пресрет на претстојната средба на лидерот на САД и Северна Кореја, Доналд Трамп и Ким Џонг-ун.

АП го објави профилот на тројцата Американци наведувајќи дека биле уапсени поради наводни „субверзивни активности, шпионажа и други непријателски акции“.

Во притвор најмногу поминал Ким Џонг Чул, американскиот државјанин роден во Јужна Кореја, кој бил уапсен на 2 октомври 2015 година.

Пред апсењето Ким (64)  водел компанија во Специјалната економска зона Расон, на североистокот на Северна Кореја, наведуваат севернокорејските државни медиуми.

Тој бил осуден на 10 години затвор и принудна работа во април 2016 година поради наводната субверзија на социјалниот систем на Северна Кореја и шпионажа.

Пред да му биде изречена казната, поранешниот граѓанин на Вирџинија јавно се извинил за клевета против севернокорејското раководство, собирање и проследување  доверливи информации на Јужна Кореја и поддржување на валканата кампања за состојбата на човечките права во Северна Кореја.

Во април 2017 година на аеродромот во Пјонгјанг бил уапсен и Тони Ким, кој е познат по своето корејско име Ким Санг-дук, поради, како што навела севернокорејската новинска агенција KCNA, кривични непријателски дела кои имале за цел да направат политички пресврт во Северна Кореја.

KCNA, сепак, не навела специфично какви кривични дела наводно сторил Ким. Предавал книговодство на Универзитетот за науки и технологии во Пјонгјанг и на еден универзитет во Северна Кореја кој се финансира од приватни средства.

Универзитетот негирал дека неговото задржување во притвор има какви било врски со неговата работа во таа установа. Ким претходно предавал корејски јазик на еден универзитет во кинескиот град Јанџи.

Последниот, Ким Хак Сонг, бил уапсен на 6 мај 2017 година. Тој работел на развој на земјоделието на експериментална фарма, која ја раководел Универзитетот по наука и технологија во Пјонгјанг.

Според наводите на KCNA, тој бил уапсен поради ангажман во непријателските акции против Северна Кореја, но не прецизирал за какви акции станува збор.

KCNA исто така не навела дали неговиот случај е поврзан со случајот на Тони Ким. Универзитетот исто така навел дека задржувањето во притвор на Ким Хак Сонг не било поврзано со неговата работа во таа установа.

АП напоменува дека не е познато дали Тони Ким и Ким Хај Сонг се официјално осудени.

Scroll to Top