Цел Нов Зеланд оди во карантин поради еден случај на коронавирус

Премиерката на Нов Зеланд, Џесинда Ардерн, најави дека во следните три дена целата земја ќе биде во строг карантин поради еден случај на коронавирус во Окленд. Ова е прв случај со Ковид-19 во земјата во последните шест месеци. Државата ќе биде затворена три дена, а Окленд и Коромандел, крајбрежниот град во кој заразеното лице поминало кратко време, ќе бидат во карантин седум дена за да се откријат можни нови случаи на болеста.

Здравствените власти претпоставуваат дека станува збор за делта-сојот, иако ова засега не е потврдено.

Во следните три дена, согласно мерките од највисокото, четврто ниво на карантин, ќе бидат затворени сите училишта, канцеларии и бизниси, а ќе работат само неопходните услуги.

„Најдобриот начин да излеземе брзо од оваа ситуација е да постапиме цврсто и брзо. Одлучивме веднаш да почнеме со најстрогите мерки за да го скротиме вирусот и брзо да го завршиме ова“, изјави Ардерн на прес-конференција.

Нов Зеланд го имаше последниот случај на локално пренесување на вирусот во февруари. Земјата претходно донесе одлука границите да останат затворени до крајот на годината.

Scroll to Top