Скарлет Ибиси и сервали ќе пристигнат во скопската Зоолошка

Во Зоолошка градина Скопје наскоро ќе пристигнат нови животни, сервали и црвени птици од видот Скарлет Ибис, соопштија од ЗОО.

Сервалите се африкански предатори од семејството мачки. Сервалот е еден од најголемите претставници од седумте видови мали мачки кои го населуваат континентот. Ова животно претежно живее во Африка, во супсахарскиот дел на континентот, со исклучок на тропските шуми. Бројот на сервалите започна да се намалува, а како главна причина се наведува човекот.

Птиците од видот Скарлет Ибис потекнуваат од егзотичните делови на Јужна Америка и Карибите и се национално обележје на Тринидад и Тобаго. Нивната специфична боја ги прави препознатливи, а во светот имаат статус на заштитен и загрозен вид.

„Овие видови животни се доста атрактивни за посетителите и мислам дека ќе биде интересно во Скопје да се видат сервали и птици Скарлет Ибис,  кои се заштитени видови. Секако, нивните живеалишта ќе бидат направени по стандарди и веќе ги подготвуваме за новите жители“, изјави директорот на скопската Зоолошка, Ѓорѓи Галетановски.

Scroll to Top