Уапсени српски тинејџери хакери по кои трагала цела Европа

Двајцата српски државјани Јован М. (19) од Прокупље и Вукашин Д. (21) од Рума се уапсени поради сомнение дека биле администратори на сервисот Webstresser. Во акцијата што траела два дена учествувале сите национални полициски единици за борба против високотехнолошки криминал на Холандија, Велика Британија (NCA), Хрватска, Канада, САД (ФБИ), Германија (BKA), Шпанија, Хонг Конг, Шкотска, Италија и Австралија.

Истрагата на оваа меѓународна криминална група почнала во октомври 2017 година од страна на холандската национална криминалистичка единица за високотехнолошки криминал, на основа на оперативните информации добиени од (NCA) од Велика Британија.

Штабот за команда и координација на дводневната акција бил поставен во седиштето на Еуропол, а акцијата почнала во Србија со апсење на Јован и Вукашин.

АПСЕЊА ШИРУМ СВЕТОТ

По акции на поголем број локации во светот уапсени се и други администратори и членови на овој криминален сервис, додека серверите преку кои се изведувале криминалните напади ги презела полицијата.

Споменатиот сервис потоа е исклучен и неговата серверска инфраструктура е запленета од полицијата во Германија, САД и Холандија.

На сајтот webstresser.org денеска е поставена таканаречена стоп-страница, на која го има и грбот на полицијата на Србија и сите полиции кои учествувале во акцијата.

Против корисниците на овој криминален пазар преземени се и понатамошни оперативни мерки, а во досегашната истрага не се пронајдени докази за извршен напад врз интернет-порталите од Србија.

Webstresser се смета за најголемиот светски криминален пазар за изнајмување, таканаречен DDoS напад, со повеќе од 136.000 регистрирани корисници и повеќе од четири милиони напади изведени до април оваа година на разни интернет-домени во светот. Оркестрираните напади целеле на критичните онлајн-услуги кои ги нуделе банките, државните институции и полициските сили, како и индустријата на онлајн-игрите на интернет, велат од службите на српската полиција.

 

 

Scroll to Top