Украле три милиони сликички за албумот „Русија 2018“

Вооружени мажи влегле во издавачката куќа на Панини во Аргентина и со закана на оружје украле неколку стотини илјади самолепливи сликички за албумот за Светското првенство во фудбал – „Русија 2018“.

Петмина мажи упаднале во печатницата во градот Мунро во предградието на Буенос Аирес и со закана на оружје ги принудиле вработените да натоварат повеќе од 600 кутии со сликички во нивниот камион.

Во секоја кутија биле спакувани по 1.000 кесички. Во секоја кесичка има по пет сликички со фотографии од играчите од разни фудбалски репрезентации од учесниците на Светското првенство во Русија. Вкупниот број украдени сликички изнесува три милиони.

Кесичките со сликички во Европа се продаваат по цена од 50 евроценти, односно 60 центи за парче. Полицијата соопштила дека вкупниот број украдени сликички изнесува 360.000 долари, пренесува „Дојче веле“.

Безбедносните камери во печатницата не успеале да ги снимат лицата на ограбувачите што се наоѓаат во бегство, па нивната идентификација е отежната.

Останува нејасно каква им била намерата на крадците и што планираат да направат со украдените сликички, иако се претпоставува дека тие би завршиле на црниот пазар по пониска цена од официјалната.

Како што времето за почеток на мундијалот се доближува, побарувачката за сликички од фудбалерите насекаде во светот расте.

 

 

Scroll to Top