Утре почнува „Д фестивал“ во Дојран

Утревечер (22 август) во Дојран ќе се одржи годинешното издание на „Д Фестивал“. Фестивалот, со мотото „Д фестивал и пријателите“, поради пандемијата на Ковид-19, годинава ќе има една фестивалска вечер, а ќе настапат само македонски бендови.

Посетителите ќе може да ги слушаат „Суперхикс“, „Бернис пропаганда“, „Плутос даут“, „Ел-ди пистолеро“, „Донплаја“, Принцес Донатсу и Бон Праскица.

Сите што имаат купено билет за „Д Фестивал 2020“ до 30 јули со него ќе може да присуствуваат на две изданија на фестивалот годинава, но и на големото роденденско издание, што ќе се одржи в година, а за кога се најавуваат многу специјални гости, меѓу кои и синот на Боб Марли, Ки Мани Марли, панк-иконата и тапанар на култниот бенд „Рамонс“, Марки Рамон, и други.

Од „Д Фестивал“ најавуваат засилени мерки за заштита и безбедност на посетителите.

Годинешниот фестивал ќе се одржи на главната бина „Паркинг Гранит“. Билетарницата почнува со работа од 18 часот, а вратите на фестивалот се отвораат во 19 часот.

Дополнително, фестивалот се приклучува кон кампањата „Гласно против гласини“ и ја поддржува борбата против родовите стереотипи и предрасуди. Кампањата има цел да укаже на гледиштата насочени кон Ромките, жените од руралните средини, жените со попреченост, со религиозно обележје, мигрантките и младите жени. Овие гледишта се најчесто резултат на долгогодишни родови стереотипи и предрасуди, кои придонесуваат за создавање нееднаквост во општеството.

Scroll to Top