Вечерва почнува „Макфест“ во Штип, „Интервали“ ќе настапи десетти пат

Вечерва, во Штип почнува 36. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Фестивалот, кој ќе трае две вечери, 17 и 18 септември, ќе се одржи на отворено, во „Аква бела ресорт“, а поради пандемијата, организаторите, учесниците и публиката ќе мора да се придржуваат до мерките и протоколите за заштита од короната.

„Макфест“ годинава е поделен во две вечери. Првата вечер ќе настапат само млади музичари. Најдобрите пет според гласовите на публиката и жирито ќе пеат и во втората вечер, заедно со 14 познати имиња: Ѓоко Танески, Роберт Билбилов, Александра Јанева, Ај Кју, Лара и други. На „Макфест“ годинава десетти пат ќе се натпреварува и групата „Интервали“.

Во шоу-програмата вечерва ќе настапи „Тумбао салса бенд“, а утре публиката ќе ја забавуваат Дац и Александар.

Организатор и покровител на „Макфест“ е Општина Штип. На најдобрите ќе им бидат доделени парични награди: 5.000 евра прва награда, 3.000 евра за второ место и 1.000 евра трета награда. Ќе има и четири парични награди од 500 евра: за најдобра вокална изведба, за најдобар дебитант, сценски настап и наградата за аранжман „Драган Ѓаконовски – Шпато“.

За потсетување, на ланскиот „Макфест“ победи групата „Нокаут“ со „Сакам да живеам“. Прва победничка на реномираниот фестивал, пак, е Хелена Благне, која во 1986 година ја испеа песната „Кога те нема“.

Scroll to Top