Владата на Велика Британија донесе одлука со која од денес (11 јули), повторно се дозволува одржување концерти, фестивали и театарски претстави на отворено. Тие подготвија и пакет мерки за помош за музичката индустрија за настани, кој ќе чини 1,57 милијарди фунти.
Настаните треба да следат сет на пропишани препораки и мерки за заштита со намален број посетители и препорака за одржување на физичка дистанца. Покрај отворените, кои беа оценети како побезбедни, британската влада препорача да се одржат и помал број на настани во затворен простор за да се тестираат начините на кои објектите од овој тип ќе можат да продолжат да работат од есен.
Капацитетот на овие настани ќе се намали и организаторите се должни да издаваат билети во електронска форма за да водат евиденција за посетителите во случај да има потреба од нивно тестирање и мониторинг.