(Видео) Американски дипломат минал на црвено и усмртил мотоциклист

Возилото во кое се наоѓал американскиот дипломат Џозеф Имануел Хол минал во саботата во Исламбад во Пакистан на раскрсница на црвено светло ѝ удрил во мотор на кој се наоѓале две момчиња, од кои едното загинало, а другото е во критична состојба.

Пакистан во неделата го повикал американскиот амбасадор Дејвид Хал во Министерството за надворешни работи, по фаталната несреќа на патот во кој бил вклучен и американскиот дипломат.

ТВ станиците во Пакистан емитувале снимки кои покажуваат бело возило кое минало на црвено светло, удрило во мотоциклистот и го отфрлило неколку метри.

Семејството на загинатото момче, кое полицијата го идентификувало како 22 годишниот Атик Баиг, поднело обвинение против американскиот дипломат, наведувајќи дека направил прекршок затоа што минал на црвено светло.

Полицијата во Пакистан за кратко го привела дипломатот, но не го уапсила затоа што имал дипломатски имунитет. Тие навеле дека ги испитуваат снимките од несреќата, од безбедносните камери.

Министерот за внатрешни работи Асан Иклал изјавил дека дипломатот го прекршил законот за сообраќај и дека случајот е регистриран, без дополни информации.

Амбасадата на САД издала соопштение во кое изразуваат сочувство до семејството на моторциклистот.

„Претставниците од амбасадата соработуваат со локалните власти кои ја истражуваат несреќата“, се дополнува во соопштението.

Полицијата го идентификувала американскиот дипломат како полковник Џозеф Имануел Хол, велејќи дека бил сам во возилото за време на несреќата.

Полицијата го запленила возилото од амбасадата како дел од истрагата.

Scroll to Top