(Видео) „Божик не е откажан, ама седете дома“, објави Дедо Мраз од неговиот дом во Лапонија

Од Лапонија Дедо Мраз испрати порака со оптимизам, во која вели дека и покрај пандемијата со коронавирусот, Божик оваа година нема да биде откажан. Тој рече дека и овојпат ќе ги прочита писмата што му ги испраќаат децата од целиот свет и ќе се потруди да ги исполни нивните желби. Додаде и дека негова најголема желба е сите да останат безбедни, не само за празниците, туку да се чуваат и во текот на годината.

„Смислата на божикните празници е да се поминуваат во радост со семејството. Затоа, останете дома, каде што сте најбезбедни“, рече Дедо Мраз во видео-пораката.

Тој ја испрати оваа порака откако финската влада донесе строгите мерки за заштита од короната, а туристите што ќе сакаат да го посетат домот на Дедо Мраз во Рованиеми ќе треба да побараат посебна дозвола и да останат две недели во карантин кога ќе влезат во земјата. Затоа, една од најпосетуваните божикни дестинации, Лапонија, оваа година ќе остане без туристи, а домот на Дедо Мраз ќе биде речиси празен, пренесе неодамна „Ројтерс“.

Финците ги усвоија најстрогите мерки во Европа и имаат мал број заразени. Од друга страна, во северна Финска многу бизниси се потпираат на туристите што доаѓаат да го посетат Дедо Мраз. Од селото на Дедо Мраз, кое се наоѓа на осум километри од центарот на Рованиеми, може да се види поларната светлина, а се организира и сафари со снег. Но, бројот на купени аранжмани годинава е многу помал од претходните.

„Веќе во август беше јасно дека северот на Финска ќе ги почувствува последиците од пандемијата бидејќи тогаш беше забележан пад од 78 проценти помалку туристи“, рекоа за „Ројтерс“ од Туристичката организација на Финска.

Scroll to Top