Вејлон Смитерс, геј лик од серијата Симпсонови, го пронајде и своето прво момче – милијардер, пет години откако ја призна својата сексуална ориентација по децениски шпекулации.
Смитерс, еден од најдолговечните ликови во популарната анимирана серија, ќе го претстави своето момче, модниот магнат Мајкл Де Граф, во епизода што ќе се емитува на 21 ноември на „Fox“, пренесува „New York Post“.
Смитерс, чиј глас го позајмува Хари Ширер, е личен асистент на господинот Барнс, а во 2016 година тој призна дека е хомосексуалец.
„Смитерс ја пронаоѓа вистинската љубов во форма на познат моден дизајнер, но дали оваа нова врска ќе го уништи Спрингфилд?!“, се наведува во описот на епизодата.
Објавувањето на епизодата и емотивната поврзаност меѓу Смитерс и Де Граф предизвика измешани коментари на социјалните мрежи. Додека некои ја поздравија веста дека Смитерс конечно ја нашол љубовта, други не беа импресионирани и мислеа дека целата приказна е „залудно потрошена содржина“.
„Дали е навистина потребно? Знаеме дека Смитерс е геј, но зошто на тоа да ја посветиме целата епизода“, е еден од коментарите.
Други, пак, сметаат дека продуцентите на популарната серија „попуштиле под притисокот на политички коректната екипа“ и вештачки ја создале приказната, а имало и такви кои со ентузијазам ја поздравиле објавата за љубовната приказна на Смитерс и рекле дека е крајно време за Вејлон да најде среќа.