(Видео) Детето кое висеше паднало од 6. кат на четвртиот

Четиригодишното момчето кое висеше на зграда во Париз, а подоцна беше спасено од мигрантот Мамоду Гасама, паднало од шестиот кат, каде живее со својот татко, а подоцна успеало да се задржи на четвртиот кат.

Голем број коментари по несреќниот момент на социјалните мрежи пишуваат дека претставува вистинско чудо што детето по падот од два ката успеало да се задржи и да мине само со гребаници.

Исто така, во коментарите може да се прочитаат голем број критики на адреса на соседот од соседниот балкон на четвртиот кат, за кого велат дека можел да направи многу повеќе за да му помогне на момчето. Тој изјавил дека детето го држел за рака, но не се осмелил да го повлече поради параванот што се наоѓал помеѓу двата балкона.

„Не сакав да ризикувам и да му ја пуштам раката. Мислев дека е подобро да одам чекор по чекор“, објаснил тој и додал дека го забележал момчето како крвави од ножниот прст и бил повреден кај ноктот.

Семејството на четиригодишното момче му се заблагодари на Мамоду Гасама, кој само неколку секунди откако го забележал се качил како Спајдермен и го повлекол детето на безбедно.

„Тој е вистински херој“, изјавила бабата на момчето.

Таткото, пак, кој излегол до продавница, го оставил син му сам, а на враќање одлучил да ја игра популарната игра „Покемон Го“, на улица и поради тоа се задржал. Поради тоа му се заканува казна од две години затвор.

Момчето кое потекнува од францускиот остров Реунион, каде што живеело со мајка му и баба му, пристигнало во Париз пред три недели. Мајка му со другото дете требало да им се придружат во јуни.

Момчето во моментов се наоѓа под надзор на социјалните служби. Таткото наводно бил скршен поради инцидентот, а му се заканува и казна од околу 30 000 евра.

Мајката исто така ќе биде испрашана од социјалните работници на островот Реунион. Бабата на момчето пред медиумите објаснила како реагирала на снимката.

„Бев во шок. Само викав дека тоа е мојот внук и некој се обидува да го спаси. За цела среќа, господин Гасама знае да се качува. Доле имаше многу луѓе, но само тој не гледаше со прекрстени раце. Се искачи на четвртиот кат. Тоа е навистина неверојатно. Беше многу храбар“, изјавила бабата.

И францускиот претседател, Емануел Макрон, лично му се заблагодарил на Гасама, му врачил медал за храброст, му понудил работа во противпожарната служба и државјанство на Франција.

 

 

 

Scroll to Top